Извадок од говорот на пратеничката Весна Бендевска, петто продолжение од 74 седница на Собрание на Р. Македонија. Навистина како се чувствуваше пратеникот Пачков на 24 декември кога тука беа газени жени. Јас не видов дека се пробуди лекарскиот инстикт па да се стрчате и помогнете. Господине Пачков, знаете ли што се случи на 24 декември? Не се случија повреди на новинари или на пратеници. На 24 декември се погази Уставот на Република Македонија. Имате ли поим зошто бевме тука? Имате ли одговор кој тоа сметаше дека треба да ми го одземе правото моите амандмани да бидат разгледувани? Амандманите во корист на граѓаните на Битола, Кичево, Крушево, Ресен, Охрид, Струга, сите ги имав потпишано. Со кое право одлучивте, а вие молчевте господине голем патриот. Гледам Пачков молчеше и претпоставувам се срамеше. И треба да се срами. На 24 декември овде во оваа сала, лицето Т.В од Ѓ.П од охридско, повика извршна власт да го суспендира правото на 370.000 граѓани да учествуваат во договорот како ќе се трошат заедничките пари. И вие тоа сеуште не го разбравте? Вчера повторно подготвував амандмани. Што значи тоа дека повторно ако не дојдат на ред моите амандмани и ако изразам протест во име на граѓаните што ги претставувам, полиција и војска ќе викнете? Како не ви е срам? Можеби па и не знаете, дека на 31 декември доколку не беше изгласан Буџетот, немаше ништо значајно да се случи. Ќе се исплатеа плати, ќе се исплатеа пензии, социјални надоместоци, а немаше да има пари за поткуп на гласачи на избори. Бидејќи согласно законот за буџети, временото финансирање и буџетирање продолжува. Немојте да ја замајувате јавноста и немојте да се криете зад вашиот што личен, што колективен партиски срам. И најмалку што имате право да говорите колку сте патриот. Не е патриотизам да се чукате во гради и да кажувате дека во Република Македонија добро се живее. И тоа е нотирано во извештајот. Каде живее пратеникот Пачков? Каков е неговиот став за 600.000 луѓе кои живеат во сиромаштија? Каков е вашиот став за 56% невработеност невработени млади? Со тоа ли сте задоволни? Не го заслужувате мандатот.