Денеска се празнува Светиот Великомаченик Георгиј (Ѓурѓовден). Православните на овој ден ги китат своите куќи со гранки од врба и топола и бојадисуваат јајца. Семејниот ручек со јагнешко месо на трпеза го заокружува пладнето на овој ден. Со Ѓурѓовден се празнува времето кога човекот излегува во природа - на сонце што би се рекло. Со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден, започнува период кога оживува, зазеленува природата, а на луѓето им претстои многу работа. "Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден". На Ѓурѓовден се ангажираат момоци, овчари, козари, говедари, селски одборници, полјаци, протуѓери... Исплатата на сите нив е вообичаено на Митровден, 8-ми ноември - затоа и се вели "чекај си Митровден"... Граѓанското здружение "Струма" од Струмица, денеска традиционално на семејната вила на семејството Лазарови, во реонот познат меѓу струмичани "кај лозињата", го изведе традиционалниот Ѓурѓовденски обичај. "Веќе 8 години овде на овој имот, благодарејќи на семејството Лазарови, ја негуваме традицијата на Ѓурѓовден. Овде денеска ги изведувавме обичаите во кои ни помагаа и дел од членовите на Ансамблот "Тримери". Собиравме билки, имавме нишење на нишалка, китење со зеленило и лепење со леплива трева (лепешка) за да се лепат момите и егрените, а се пееја и песни за Ѓурѓовден" -- ни рече Добрила Достинова, претседател на Граѓанското здружение "Струма". И ромите традиционално го одбележуваат Ѓурѓовден. За овој празник врзани се многу адети. Една од легендите е дека Ерделез ги отвора к'сметите на младите девојки. Колењето јагне е специфичниот начин на одбележување на овој ден кај Ромите. Кој со повеќе, кој со помалку. Ѓурѓовден ќе се слави четири дена, и како религиско и како традиционално обележје кое го најавува доаѓањето на летото. Среќна слава и именден на сите што го слават Ѓурѓовден. (Р.Ѓ.)