Проф. д-р Гоце Џуклески е роден на 16.06.1959 година во Охрид. Основно училиште завршил во с. Лескоец, гимназија во Охрид, а правен факултет во Скопје.
Магистрирал и докторирал на Факултетот за безбедност во Скопје. Досегашното негово научно и стручно ангажирање резултираше со преку триесет објавени трудови и повеќе монографии, учебници, прирачници од областа на криминалистиката и криминологијата.
Интересот за хармониката и за македонскиот музички фолклор го пројавува од најраното детство, кога станува член на фолклорната група од Лескоец. Со неа настапува на фестивалите "Илинденски денови" во Битола, "Балкански фолклорен фестивал" во Охрид, "Регионалните смотри за Западна Македонија" во Дебар и на други слични манифестации.
За време на студентските години во Скопје станува активен член на Академското културно-уметничко друштво "Мирче Ацев", со кое учествува на голем број концерти и фестивали во државата и во странство (Канада, САД, Германија, Австрија и др.)
Од 1980 година се појавува и како автор на орски и песнопојни мелодии во духот на македонскиот народен мелос. Во меѓувреме реализирал повеќе снимки за Музичката продукција на МРТ.
Џуклески прави хитови, а тоа го потврдуваат и многубројните награди што неговите песни ги освојуваат на фестивалите. Ова, покрај личните дарби и таленти, е резултат и од неговата активна соработка со повеќе афирмирани авторски и аранжерски имиња од оваа област кај нас.
Д-р Гоце Џуклески живее и работи (повеќе од три децении) во Скопје. Неговата правничко-криминалистичка професија поврзана и со високи функции во МВР (помошник министер, државен секретар) и во Владата на Република Македонија (национален координатор - директор на Национален координативен центар за гранично управување), за среќа не го спречува дел од својот живот да и посвети на музиката и хармониката.