Почитувани, На кумановчани веќе им е смачено од правдањата и празните зборови на градоначалникот на СДСМ Зоран Дамјановски, за причините зошто цело Куманово остана без вода. Замислете општина од 120 000 жители, во 21 век е без вода. Зоран Дамјановски е градоначалник на Куманово веќе цели 7 години. Секој проблем можеше да биде решен во овие 7 години. Одговорите за тоа зошто Куманово е без вода за пиење мора да ги даде Зоран Дамјановски градоначалник на Куманово, и неговиот кумашин Виктор Божиновски, директор на ЈП Водовод Куманово. Тие мора да одговорат како се случи општинското претпријатие ЈП„Водовод„ да се наоѓа пред банкрот и само на претпријатието „Водостопанство-Кумановско-Липковско поле" за последните три години да му должи 47 милиони денари? Повторувам, 47 милиони денари. Пари кои што ги наплатуваат од граѓаните а никој незнае каде завршуваат. Зошто вработените во ова претпријатие со месеци не земале плата? Каде отидоа парите од субвенции кои Општината две години му ги даваше на општинското претпријатие Водовод за санација на милионските долгови? Зошто вчера Куманово немаше вода, иако Водостопанство Куманово тврди дека на општинското претпријатие за Водовод му испорачувало по 220 литри вода. Каде оди оваа вода? Дали е во прашање некаква роднинско бизнис реалција? Почитувани, Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната вонредна седница предложи 8 точки за суштинско решавање на проблемот со вода за пиење во Куманово. Мнозинството на СДСМ ги одби во целост. Меѓудругото мнозинството ги одби нашите предлози за: Независен стручен орган да ја утврди фактичката состојба на загуба на вода во ЈП Водовод. Независен стручен орган да изврши увид во финансиското-материјалното работење на ЈП Водовод. Како и да се извести МВР да изврши увид со цел утврдување на фактичката состојба. Некој од општина Куманово и мнозинството од СДСМ очигледно не посакува решавање на овој проблем. Срамно е додека во другите општини се градат катни гаражи, паркови, улици, кумановчани да немаат основно средство, вода за пиење. Граѓаните не ги интересираат кавгите на градоначалникот на СДСМ Зоран Дамјановски, нив им треба вода за пиење. Затоа Дамјановски и неговиот кумашин Виктор Божиновски кој е директор на кумановскиот водовод треба да си ги засукаат ракавите и да ги решат проблемите кои сами ги создадоа. Ви благодарам на вниманието