Извадок од говорот на пратеникот Емилијан Станковиќ, прво продолжение од седница бр.84 на Собранието на Република Македонија. Изгледа многу жално со каква неподнослива леснотија си премолчувате за едно вакво, многу опасно законско решение. Изгледа дека и Владата, а заедно со владејачкото мнозинство наркомански сте навлечени на барокното лудило кое е еднакво на криминал и корупција. Ништо друго. Денешните измени, клучно погрешно или против Уставно се базираат на три работи. Прво, со ваквите измени го загрозувате Уставно загарантираното право на сопственост во Република Македонија. Второ, воведувате принцип на невладеење на правото и загрозување на правната сигурност. И трето, што е уште поопасно, го нарушувате принципот на претставничка демократија во Република Македонија. Вие со овој закон овозможувате или му давате право на Коце Трајановски, заедно со владејачкото мнозинство во град Скопје да одлучи за мојата приватна сопственост, а приватната сопственост на моите колеги пратеници и на секој граѓанин во Република Македонија. Значи ако некој во градот Скопје, Коце Трајановски науми дека на некоја зграда, приватна сопственост треба да има барокна фасада, нема да го праша сопственикот и сопствениците, него тоа ќе го направи со декрет. Ако нема пари сопственикот или сопствениците на таа зграда, на тој објект да ја сменат фасадата да стане барокна, тогаш тоа ќе го направи градот Скопје од Буџетот. Нели за името ќе одиме на референдум, ќе ги прашаме граѓаните? Како тоа вие нема да ги прашувате сопствениците на објектот кога треба да им ставите барокна фасада? Знаете што правите, што ќе гласате? За надградба на зграда на еден или два спрата се прашуваат сопствениците и ако нема потпис на 50 плус 1, не може да се прави надградба на зграда. Куќен совет не се бира без да праша сопственици на зграда. Управител не може да изберат. А вие со одлука на град Скопје ќе менувате фасада. И така ќе ви се случува, градоначалникот на општина Центар, на неговата зграда Коце Трајановски смислил дека треба да има барок, затоа што Никола Груевски кога ќе оди во новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да гледа барокни фасади околу него. Инаку му се замараат очите. Мора фамилијата да товари пари од барокни фасади.